Марија Божиновска


Марија Божиновска, волонтер од Македонија, родена 1985 година во Битола, основно и средно училиште завршува во родниот град. Моментално студент при филолошкиот факултет „Блаже Конески“- Скопје, на катедрата за француски јазик и книжевност, преведувачка насока.  Се бави со преведување на стручни и книжевни дела од француски, англиски на македонски јазик и обратно.

Пројавувајќи желба и наклонетост кон уметноста, уште како дете учествува во колонијата „Мал битолски монмартр“ и други работилници, посетува доста изложби и настани. Во слободно време ужива во добра музика, храна, добар филм и се разбира, голем љубител е на пишаниот збор, што не е изненадувачки со оглед на тоа што тоа е дел од нејзината професионална ориентација. Преферира дела со филозофска и психолошка содржина. Хоби ѝе сликањето, изработката на скулптури и накит и полека но сигурно навлегува во тајните на компјутерската графика.

Желбата да биде постојано опкружена со уметнички дела води кон тоа да стане дел од тимот од волонтери кој ја организира изложбата „Форми на убавина – внатрешна убавина, надворешна убавина“.

„Денес уметноста има широка дефиниција, се движи во различни насоки, правци. Се обидовме да презентираме, од наша гледна точка, што претставува убавина бидејќи оваа концепција на некој начин ни е наметната повеќе или помалку од општеството, личната култура, искуството како и личните афинитети. Свесно или  несвесно се обидовме да пренесеме порака, која претпоставувам кажува повеќе за нас како индивидуи, личности..па така избравме дела кои ја претставуваат нашата перцепција за она што е убаво, пријатно..видено низ сопствената призма. Дел од експонатите се избрани од естетски причини, а при изборот на останатите преовладуваше социјалниот, антрополошкиот, филозофскиот, психолошкиот аспект.

Се надевам дека ќе ни простите за ненамерните грешки, сепак ова не е наш домен, не е наше поле на експертиза, и ќе уживате во оваа изложба како што ние уживавме работејќи, составувајќи ги деловите. Ми беше задоволство да работам со волонтерите и персоналот, разменувајќи идеи интегрирајќи се и учејќи за културата на Романија. Да се биде во контакт со делата од различни епохи беше возвишено искуство, искуство кое не се опишува, патување низ времето.

Марија Божиновска